Општина Кочани ги пренамени средствата за одбележување на Светскиот ден на Ромите – за поддршка на социјално ранливите групи и семејствата во социјален ризик од ромската етничка заедница. 

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев вели дека целта е да да се намалат последиците од актуелната кризна состојба предизвикана од пандемијата, која има силен одраз врз целокупното општество и економијата, а нејзиното влијание е особено изразено врз најранливите и исклучените групи.

– Планираните средства за одбележување на Светскиот ден на Ромите ги отстапивме на ромските здруженија, кои заедно со општинските служби за социјална заштита подготвија пакети со храна и хигиенски производи и ги поделија на семејства во социјален ризик од ромската заедница во Кочани. Со граѓанскиот сектор внимателно ја следиме состојбата кај ранливите групи и во наредниот период ќе продолжиме да реагираме секаде каде што има потреба – соопшти градоначалникот Илијев.

Честитајќи го Меѓународниот ден на Ромите, Илијев им посака добро здравје, висока свест во деновите на борба против пандемијата и максимално почитување на мерките и препораките за заштита од ширење на коронавирусот.