Од вторник, 6 октомври 2020 година, Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ ќе започне со подготовките на теренот за реализација на проектот „Регулација на коритото на Кочанска Река“.

За почеток, активностите ќе се одвиваат низводно на потегот од мостот во Бавчалук до куќниот број 121 на улицата „Гоце Делчев“.

Техничкиот проект предвидува регулација на коритото на Кочанска Река во должина од околу 450 метри. Планирано е да се изработи поголемо корито, а во него помало, коешто ќе ја прифаќа водата. Според можностите на теренот ќе се гради кеј од масивни бетонски ѕидови, бетонски скали и каскадни решенија на одредени делови.

По целата должина на регулираното речно корито од двете страни ќе се постават канделабри, клупи и метални корпи за отпадоци.

Изведувач на работите е Здружено вложување – АГП од Свети Николе и Промонтинг од Скопје.