Со активности на почетокот на улицата „Први мај“, почнува изградбата на детски игралишта на четири локации во Кочани.

Механизацијата на изведувачот „Панел М“ од Тетово ги изведува земјаните работи на површина од 900 метри квадратни, каде ќе бидат поставени тобогани, нишалки, клацкалки и друга опрема за игра и забава на децата. Овој простор, каде веќе има култивирани зимзелени и листопадни садници, ќе добие и летниковец, парковски клупи, фонтана и канти за отпадоци.

Најголема површина од 1150 метри квадратни за детско игралиште ќе се уредува во населбата Драчевик, во непосредна близина на локацијата до новата детска градинка. Просторот ќе се озелени и ќе добие детски реквизити, фонтана и друга урбана опрема.

Спроти Ветеринарната станица ќе се уреди мала инсталација за игра и одмор на децата, а на влезот во селото Грдовци игралиштето ќе биде на 720 метри квадратни, површина на која покрај детските играчки ќе има и летниковец и парковски клупи.

Рокот за изведба на четирите детски игралишта е пет месеци, што значи дека напролет овие терени се очекува да бидат подготвени да одговорат на намената. За нивната изградба ќе се потрошат 3,5 милиони денари од општинскиот буџет, сума во која е вклучен данокот на додадена вредност.

Паралелно со овие активности, во тек е јавната набавка за избор на изведувач на детското игралиште во Трговскиот центар. На 460 метри квадратни, се планираат модерни детски реквизити, хортикултурно уредување со трева и дрвја, урбана опрема и осветлување со пет парковски столба. Рокот за изведба на ова игралиште е три месеци. Се очекува уредувањето на оваа површина добро да се вклопи во новиот амбинет на Трговскиот центар што се создава со актуелната реконструкција на плочникот и со дополнителните елементи за уредување.

По иницијатива на жители од Трајаново Трло, стручните служби веќе планираат изградба на игралиште и во оваа кочанска населба.