Локалниот патен правец од Кочани до Мојанци, изминативе неколку дена се подготвува за асфалтирање, кое според најавите ќе започне од утре и ќе се реализира во неколку етапи.

Градоначалникот Николчо Илијев, при увидот на активностите ги објасни причините за застојот во работите.

– За жал, една убава идеја патниот правец од Кочани до Мојанци, кој поврзува три села, да се направи пристоен, се усложни. Поради доцнење на изведбата на колекторскиот систем, кој на две места преминува преку патниот правец од Кочани до Мојанци, работите мораа да бидат целосно прекинати и да се чека првин на завршување на колекторскиот систем, а потоа да се продолжи со реконструкцијата на овој локален пат. Ако го реконструиравме патот и повторно се копаше преку него, немаше да има никава смисла – објасни Илијев.

Според градоначалникот, потребата од целосна реконструкција беше неопходна, бидејќи патот беше во очајна состојба, како од временските услови, така и од користењето на тешките возила за време на изградбата на Пречистителната станица.

– По завршувањето на колекторскиот дел, излезе проблемот со коронавирусот, кој заради ограничување во движењето и во делот на работењето, дополнително ја усложни целата ситуација и повторно мораше да бидат поместени сите рокови. Не само овој, туку сите проекти што ги работиме во локалната самоуправа, а ги има многу на број мораат да бидат пролонгирани  во делот на изведбата, бидејќи досега фирмите немаа можност за работа. За доцнењето на реализацијата на проектите очекувам да наидеме на разбирање кај нашите сограѓани, но јас ги уверувам граѓаните дека сите проекти кои се ветени и влезени во програмите за 2020 година, а за голем дел од нив веќе се извршени и јавните набавки и се изберени изведувачи, сите проекти – иако со извесни задоцнувања, ќе бидат квалитетно реализирани – соопшти градоначалникот.  

Илијев потсети дека се вложени многу напори за да обезбедат средства за реконструкција на овој пат, бидејќи во општинскиот буџет не биле предвидени.

– Наидовме на поддршка и разбирање кај Швајцарската агенција за развој и соработка. Тие пренаменија дел од средствата за целосна реконструкција на овој патен правец, кој ќе биде проширен од сегашните 3,5 на 4,5 м и од едната страна каде што има услови ќе има и тротоар од 1,5 метар, што значи дека ќе биде убав пример како сите наши села треба да бидат поврзани со административниот центар, во овој случај Кочани – соопшти градоначалникот.

По завршувањето на реконструкцијата патот целосно ќе биде осветлен.

Асфалтирањето започнува од вторник, 28 април, за која е најавена и времена измена на режимот на сообраќајот на влезот во Подлог.