Почна уписот на првоодделенците во шесте кочански основни училишта.

Запишувањето се одвива според процедура утврдена со протокол, заради заштита и спречување на ширење на болеста КОВИД-19.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев направи увид на текот на уписот во Основното училиште „Раде Кратовче“. На влезот на училиштетото задолжителна е дезинфекција на рацете, со ознаки се упатува на просториите каде стручните служби на соодветно растојание разговараат со родителот и идниот ученик. Меѓу два разговора се почитува задолжителната пауза од 20 минути.

– Очекуваме родителите и децата да одговорат на упатените покани за запишување на учениците во прво одделение, а училиштата целосно да ги почитуваат процедурите за запишување во улови на актуелната здравствена криза. Исто така повикувам родителите да ја почитуваат реонизацијата и своите деца да ги запишат според добиените покани – истакна градоначалникот Илијев.

Според очекувањата на стручните служби во Општина Кочани, учебната 2020/21 година се очекува да ја почнат од 250 до 300 првоодделенци.

Поради здравствената криза, годинава запишувањето на првачињата е одложено за 30 дена, со Уредбата со законска сила за примена на Законот на основно образование во вонредна состојба.

Уписот е задолжителен за децата кои до крајот на декември 2020 година ќе наполнат шест години, односно е задолжителен за сите деца родени во текот на 2014 година, но и за оние кои ќе пројават интерес, а се родени во текот на јануари 2015 година, по претходно барање од родителот односно старателот и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето.

Родителите се должни при уписот да достават извод од матичната книга на родените за детето, потврди за примените задолжителни вакцини за детето, за очен и за стоматолошки преглед, издадени од надлежна здравствена установа.