По рехабилитацијата на 11 км од патот Пониква – Кочани, деновиве почна втората фаза од обновувањето и на останатите 7,4 км.

За овој градежен зафат се наменети 41 милион и 600 илјади денари, средства од Јавното претпријатие за државни патишта.

–  Ги направивме сите напори и овој дел од патот да биде реконструиран, со што целосно решаваме едно од најзначајните инфраструктурни прашања за развој на туризмот –  квалитетна сообраќајна поврзаност. Проектот опфаќа нов асфалт,  поставување рабници,  сливници за атмосферската вода, еластични огради. Овој патен правец значи многу за развојот на Кочани, Пониква и на целиот регион. Сакам да истакнам дека паралелно со ова, на Пониква  веќе се реконструираат двата постоечки ски-лифта, инвестираме во нов планинарски дом и во изградба на две велосипедски патеки од Кочани до Пониква, што значи правиме сѐ да ги зголемиме туристичките потенцијали на Пониква и да придонесеме за побрз развој на регионот – соопшти  Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Лани беше поправен најоштетениот дел од патот Пониква – Кочани. Градежните работи се одвиваа на потегот од паркингот на Пониква кон градот, во должина од 10,4 км. Непосредно потоа беше реконструирана и улицата „Страшо Ербапче“ која води кон Пониква,  во должина од 2,4 километри од крстосницата кон Пониква, на влезот во Кочани, до клучката кај селото Бели.