Општина Кочани го потпиша договорот за изградбата на пречистителната станица, последниот од Проектот за третман на отпадни води што се реализира помеѓу владите на Македонија и на Швајцарија.

– Првиот дел од проектот се состоеше во изработка на проекти и изградба на колекторот за што тендерската постапка заврши и работите на терен почнаа да се извршуваат пред Нова година. Со денешното потпишување продолжуваат работите околу изработката на техничката документација којашто се очекува да заврши до јуни оваа година, а при крајот на 2017 да отпочнат и работите на терен – соопшти градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски.

Целокупниот проект е во вредност од 23 милиони швајцарски франци од кои 21 милион обезбедува Швајцарската Конфедерација, остатокот Владата на Република Македонија и околу 300 илјади евра обезбедуваат Општина Кочани и КЈП „Водовод“.

Се очекува работите да завршат до крајот на 2018 година. На пречистителната станица ќе работи германска фирма избрана како најповолна од страна на швајцарскиот консултант СЕКО.