Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски го потпиша договорот со Министерството за финансии за ИПА-грант во висина од 16 милиони денари, за компонентата „ИПА инвестициски грантови“, финансирана од Европската Унија во рамките на Проектот за подобрување на општинските услуги.

Вкупниот износ на проектот e 315 607 евра и ќе биде кофинансиран од страна на националниот буџет во износ од 65 000 евра и од Буџетот на Општина Кочани со 55 607 евра. Со грантот од Европската Унија во износ од 195.000 евра Општина Кочани ќе се реализира првиот дел од проектот „Изградба на локален пат – улица ‘Гоце Делчев‘ за поврзување на с. Оризари со регионален пат и со градот Кочани“.

– Грантот што го добивме со помош на ЕУ ИПА инвестицискиот фонд во износ од 260 000 евра ќе придонесе за подобрување на квалитетот на живот и работните услови во Оризари, како и за поквалитетен и побезбеден проток на возила и за подобрување на пристапот до регионалниот пат и поврзување со градот Кочани. Oпштината планира доизградба на улицата „Гоце Делчев“ во Оризари во должина од 742 м и ширина на коловозот од 7 м и тротоари од двете страни на коловозот со ширина од 1,5 м. Со завршувањето на овој дел ќе се добие една целина што ќе овозможи подобра сообраќајна врска и целосно решавање на левата кејска улица на Оризарска Река – соопшти градоначалникот Ратко Димитровски.