На патот кон браната Гратче, во месноста Бавчалук, уште може да се слушне звукот на воденичкиот камен придвижуван од силата на водата. Крај патот, во прегратките на зеленилото, по природен пат, житото станува брашно.

– Ние со брат ми сме последните воденичари во овој крај, ја следиме традицијата на неколку наши предци, татко ми, дедо ми…По старите кажувања оваа е Каракашка или Белска воденица.

Попозната е под второто име, бидејќи овде најмногу мелеле жито селани од Бели. Веднаш до воденицата минува и најкраткиот пат до Бели. Стара е околу шестотини години. Овие ѕидини се од пред 130 години.

Порано била изградена од плет, а пред Првата светска војна е реновирана. Не работела само од 1963 – 1988 г., кога ја обновиле тако ми и чичко ми и оттогаш постојано ја одржуваме – раскажува воденичарот Ванчо Ангелов. Иако беше топло пролетно пладне, двајцата релативно млади воденичари со задоволство ни ги откриваа воденичарските тајни.

– Јазот што минува одовде е долг 600 метри, редовно го чистиме, го одржуваме. Водата го врти чаркот, тоа движење го привртува горниот камен, доаѓа до триење меѓу двата камења и се меле брашно. За секое брашно, си има посебен начин на мелење, на пример ако е крма е поедро, ако е брашно, поситно, се штелуваат камењата, се клесаат со чукчиња. Ова е мачна физичка, работа. Каменот е тежок 300 кг. треба сам да го земеш, да го свртиш, да го пресвртиш, да го исклепаш, за 180 степени пак да го вратиш, да креваш вреќи. Тешко е, но пак сме овде. Ова го правиме од љубов кон воденичарството и затоа што природата прави да се чувствуваме убаво, додава Ванчо.

Во последно време, велат браќата, најчести корисници на воденицата се продавниците за здрава храна. Овде се меле ‘рж и пченица, пченка, јачмен, се прави брашно за диетален леб.

Како реткост за овие простори воденицата често е посетувана од странци. Доаѓал да ја види конзулатот од Австрија, Јапонци, доаѓале научници од Украина од Институтот за соларна енергија. Сите сакаат да го видат старовремското производство на брашно, да го почувствуваат спојот на брашното, каменот и водата. Браќата Ангелови зборуваат дека по текот на Кочанска Река, не толку одамна, имало 27 воденици. Сега има само остатоци од нив.

– Ова е единствената воденица што функционира, и би прифатиле идеја да се направи како некој вид заштитен објект, гласно размислува Зоран Ангелов, кој целосно е посветен на воденицата, кој се потсети на случка кои се пренесувала од колено на колено.

– Дедо ми Јован спиел на гуња од козина и некогаш му излегле рани на устата, и како што ни кажувале старите имало некој смок, кој како некој домаќин, постојано си лежел на гредите во воденицата. Дедо дошол да спие тука во воденицата, а смокот се симнал и му ја излижал раната на устата. За недела дена, усната му поминала. Го излекувал смокот, кој спиел, овде, врз гуњата на дедо ми, раскажува Ангелов.

За воденицата е поврзано и верување дека има исцелителна моќ, затоа што каменот што врти во неа е левак.

– Доаѓаат луѓе и од овде и од цела Македонија, оставаат парче од облеката, обично долна маица, да се сврти на каменот. Се враќаат и ни велат дека болеста или маката им поминала. Идат и жени кои не можат да родат. Пред неколку години дојде еден татко, со мало момченце. Имало некакви израстоци на раката. Низ каменот пуштивме едно гранче од билка и по неколку дена луѓето се вратија да честат. Израстоците ги немало, велат Ангелови.