Денеска во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани се одржаа првите претстави од овогодишното издание на традиционалниот Новогодишен концерт на Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“.

Едночасовниот музички настан први го видоа основците од Виница и Зрновци. Под диригентство на Марија Лазарова, двата хора, оркестарот, електричниот бенд и неколкуте солисти понудија популарни композиции и новогодишни сплетови со специјално подготвени аранжмани.

Во подготовките на концертот учествуваат наставниците од Музичкото училиште, но и сегашни и поранешни нивни ученици од најразлични возрасти. Новогодишниот концерт во Кочани е една од омилените културни содржини на кочанци. Секоја година го следат повеќе од 2000 посетители.

Двете вечерни претстави годинава ќе се одржат на 24 и 25 декември, со почеток во 19 ч. Општина Кочани се јавува како организатор на концертот, поддржувајќи го од Програмата за култура.