Пешачкиот премин на улицата „Глигор Апостолов Гочо“ кај ОУ „Св. Кирил и Методиј“ се реконструира. Наместо да се бојадисуваат, пешачките ленти се заменуваат со бели бехатон плочки. Со одобрување на Општина Кочани, реконструкцијата на преминот како пилот-проект ја реализира домашна градежна фирма.

– Ова е иновација и донација од фирмата „Марти Ароса“, која доколку се покаже квалитетна, ќе ја примениме и кај преостанатите пешачки премини. Со тоа би се заштедиле значителни средства што Општината ги дава секоја година за бојадисување на пешачките премини – соопшти Влатко Димитров, помошник-раководител на Секторот за управување со градежно земјиште во Општина Кочани.

Сопственикот на фирмата донатор, Бранко Петковски вели дека идејата е пренесена како искуство од повеќегодишното работење во градежната дејност во Швајцарија. Очекува дека ваквото решение за изградба на пешачките премини ќе се покаже како подобро и дека соработката со Општината ќе продолжи.

Обележувањето на пешачките премини и останатата хоризонтална сигнализација се прави двапати годишно, при што за набавка на бојата и за работна рака за бојадисување Општината троши просечно околу 14 илјади евра.