По повод Петровден, празникот на Кочани, на 11 јули, Општина Кочани приреди Петровденски рок и рап концерт. Во Градскиот парк во Кочани, публиката ја забавуваа Тони Зен и „Флека“, Мартин и Стефан од „Некст тајм“ и кочанскиот рок-состав „Шекспир“.

На 11 и 12 јули во Трговскиот центар и во Градскиот парк, кочанци имаат можност да ги проследат содржините од популарниот Баскерфест – 2015 година.

Познати танчари, музичари, акробати и жонглери имаат за цел со смеа да ги заразат жителите на Македонија и да внесат ведрина кај сите луѓе.

Баскерфест е првиот меѓународен и мултикултурен уличен фестивал во Македонија со деби во 2006 година. Во него се вклучуваат сѐ повеќе учесници од различни земји во светот.

Баскер ја пречека публиката не само со улични артисти и музика во живо, но и со низа различни понуди за незаборавна забава: претстави, пантомима, креативни активности, ликовни изложби.

Во рамките на манифестацијата, а со поддршка од Општина Кочани, на 11 јули, на Пониква се одржа традиционалниот влашки етнофестивал „На Петровден сите на планина“.