По повод Петровден, празникот на градот Кочани, Центарот за култура „Бели мугри“ – Кочани во соработка и со поддршка на Општина Кочани започна да ја организира манифестацијата „Петровденски конаци“.

Зачетоците на оваа манифестација се во 2007 година кога на овој празник, на граѓаните на Кочани им беа понудени културно-уметнички збиднувања. Целта беше да се направи потсетување на посетеноста на Кочани, кога на православниот празник Петровден, градот беше исполнет со народ, џагор, раздвиженост, а кочанци, како добри домаќини, ги удостојуваа своите гости. Сега, кога ваквите навики полека замираат, идејата е токму преку културно-уметнички настани, да се врати барем дел од Кочани во времето кога во секој крај од градот одекнуваше здивот на македонската традиција.

Во 2007 година оваа манифестација беше еднодневна, а од 2008 година, дванаесетдневна, со името „Петровденски конаци“.

Во рамките на оваа манифестација, од 2010 година се одржува Духовна академија во чест на празникот Петровден, во чија организација учествуваат Црковниот храм „Св. великомаченик Ѓорѓи“ од Кочани, Општина Кочани и ОМУ „Ристо Јуруков“.