Развојот на туризмот со искористување на природните вредности на Осоговските Планини треба да се насочи кон подобрување на условите за планинарење и за планински велосипедизам. Таквите активности можат да се прават во текот на целата година, односно во сите сезони, а посебно напролет и во текот на есента.

Ова се дел од резултатите до кои дошле членовите на Македонското еколошко друштво во текот на двегодишното работење на Студијата за развој на туризам базиран на природни вредности на Осоговските Планини.

Според Деспина Китанова од Македонското еколошко друштво, на Осогово треба да се инвестира во развој на велотуризмот, како една од најпогодните планини за велосипедизам, по Бистра. Исто така, планината има прекрасни можности и за надградување на едукативниот туризам, за чиј развој не се потребни значајни финансиски средства.

Анализите од истражувањата беа презентирани на форумот под наслов „Можности за развој на одржлив туризам на Осогово“ што се одржа во Туристичкиот инфоцентар на Пониква, во организација на Македонското еколошко друштво – Скопје во соработка со Општина Кочани.

За време на форумот свои искуства од развојот на планинскиот велосипедски туризам на планината Беласица, на делот во Бугарија пренесоа и гости од градот Петрич. Средбата беше дел од проектот „Поддржување на одржлива иднина за луѓето и природата на Осоговските Планини“ на МЕД со цел да се поддржи имплементација на добри практики за регионално одржлив развој во соработка со локалните заедници.

Проектот е прекуграничен и се реализира со партнерската организација Биолошка фондација за биоразнообразие од Бугарија за бугарскиот дел од Осогово, а во координација со германската фондација Еуронатур, финансиран од Германската федерална фондација за животна, Франкфуртското зоолошко друштво и со сопствен придонес на партнерите.