Далибор Стојанов, 28-годишно момче од Кочани, го фати чесниот крст на Водици.

– Десетта година како се фрлам по крстот и тој конечно се најде во моите раце. Најголема желба ми е Бог да ни даде здравје на мене и моето семејство, изјави Стојанов.

Стојанов доби златник од градоначалникот Ратко Димитровски, а од кочанскиот храм Свето писмо Библија.

-Сакам во оваа прилика на сите наши сограѓани од православна вероисповед да им го честитам големиот празник Богојавление. Сакам да ги поздравам и сите што се тука, што ја продолжуваме оваа традиција и што го негуваме и одржуваме христијанството, а посебно на оние кои што го слават овој ден како куќна слава и именден, како и на момчето што го фати крстот му посакувам многу здравје, среќа и успеси во новото лето Господово, рече градоначалникот Димитровски.

На чинот на осветување на водите во Кочанска Река, кој го изврши Митрополитот Брегалнички, г. Иларион со свештеници од Брегалничката епархија, годинава имаше 48 учесници. Празнувањето на верскиот празник Водици во Кочани е една од најмасовните црковно- верски манифестации.