Синоќа, на ски-патеката 3 на Пониква се одржа првото ноќно скијање.

– Овој настан го организиравме со цел да ја подобриме зимската спортско-рекреативна понуда на Пониква и за почеток сме задоволни од одзивот на скијачите. Патеката беше добро подготвена. Паѓаше снег, но тоа не ги спречи љуботелите на скијањето повеќе од три часа да уживаат во скијање под рефлектори – рече Благој Манев од „Еурокомерц“ – Кочани, фирма која е закупец на ски-лифтовите на Пониква.

Дел од учесниците на првото ноќно скијање на Пониква изразија задоволство и радост за новината.

– Скијавме близу три часа, нè имаше трисетина, од Кочани, Виница, Пробиштип. Убаво доживување за кое сметам дека ќе има сè поголем интерес – изјави Ратка Ефремова, инструкторка за скијање во ски-школата „Мице“.

Според најавите на Манев, од понеделник, 28 јануари па до почетокот на март двата ски-лифта на Пониква ќе работат секојдневно, а секоја среда и петок ќе има ноќно скијање.

Минатата година значајни заложби за подобрување на условите за развој на туризмот направи Општина Кочани: беа рехабилитирани 11 км од патот Пониква – Кочани, проширен е просторот за паркирање, поставени јавни тоалети, беше отворен Инфоцентарот „Пониква“.  Освен тоа, во тек е тендерската постапка за изработка на проектна документација за изградба на брана на Арамиска Чешма, со што ќе се реши една од главните инфраструктурни потреби на туристичкиот локалитет Пониква.