Штабот за заштита и спасување формиран со решение на Советот на Општина Кочани денеска ја одржа првата средба посветена на преземањето превентивни мерки од коронавирусот.

Градоначалникот Николчо Илијев, претставници од Центарот за јавно здравје, Лекарската комора и други здравствени лица, во конструктивна атмосфера донесоа неколку заклучоци што ќе бидат проследени до повеќе институции.

– Заклучоците ги следат препораките коишто континуирано ги добиваме од државно ниво, според кои сите што патувале во ризичните региони или живеат со некој што патувал таму, потребно е во наредните две седмици да не доаѓаат на работното место или на училиште. Во таа смисла бараме да се вршат поинтензивни дезинфекции во училиштата и во објектите на градинката; стручни лица да одржат едукативни часови за правилна хигиена во училиштата; а планираните екскурзии во Италија – да се откажат – соопшти градоначалникот Илијев.

Според лекарите, симптомите коишто досега се познати се дека коронавирусот предизвикува суво грло, кивање, солзење на очите, а дури по 3 до 4 дена се јавува покачена температура. Болните треба да се лекуваат дома и да не се мешаат со други пациенти по амбулантите.  

Претставниците на Центарот за јавно здравје посочуваат дека доколку болните од Кочанскиот Регион имаат вакви симптоми, а освен тоа престојувале и во ризичните земји со коронавирус, треба да се обратат на телефонскиот број 071 373 913, по што ќе следи епидемиолошка анкета и ќе бидат упатени на лекар кој ќе го утврди степенот на ризик.   

Доктор Ванчо Апостоловски, претседател на Лекарската комора во Кочани, истакна дека е важно е да се избегнат непотребните патувања, лицата кои патувале во ризичните земји по враќањето да бидат 14 дена во куќна изолација и да се следат препораките од Министерството за здравство и Светската здравствена организација.

– Зголемената побарувачка од заштитни маски е непотребна. Не треба да се носат маски, затоа што со секое нивно допирање може да дојде до дополнително загадување и заразност. Маски треба да носат само болните, како и при секој друг грип. Болните да се лекуваат дома – здравите што повеќе на сонце – рече на состанокот д-р Јованка Алексова, претседателка на Приватните лекари на РСМ.  

Заклучоците утврдени на состанокот ќе бидат пренесени и до транспортните претпријатија во Кочанско, кои имаат чести релации до деловите во Италија зафатени со коронавирусот.