Новоформираниот Општински совет за социјална заштита одржа работен состанок на чиј дневен ред се најде подготовката на Планот за социјална заштита за 2020 година.

– Изработката на Планот за социјална заштита е во функција на подготовката на  општинската Програма за социјална, детска и здравствена заштита за 2020 г. Социјалниот план содржи мапирање на социјалните проблеми и ранливите групи во општината, анализи на капацитетите и расположливите социјални услуги, како и специфичните потреби за развој на социјални услуги во општината. Овие податоци треба да бидат фундамент во изработката на Програмата за 2020 година – соопшти Аника Илијевска Ѓорѓиева, службеник за социјална заштита во Општина Кочани.

Општинскиот совет за социјална заштита е формиран со одлука на Советот на Општина Кочани и го сочинуваат вкупно 24 членови. Составен е од преставници на општинската администрација, центарот за социјална работа, даватели на услуги, здруженија, верски заедници и други правни и физички лица кои вршат социјална заштита, установи од областа на образованието, здравствената заштита, вработувањето, полицијата и јавното обвинителство од подрачјето на Кочани.

Дел од присутните дадоа предлози во планот да се вклучат активности и средства што ќе ја подобрат социјалната превенција, заради поголема заштита од социјални ризици и да се предвидат кампањи, предавања и трибини на различни социјални теми.