Новите шест случаи на лица од Кочани заразени од коронавирусот беа повод градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев да свика итна седница на Општинскиот кризен штаб.

– Кризниот штаб побара да упатиме писмено барање до надлежните, во Кочани да се спроведат мерките што важат и за Куманово, од понеделник до петок забраната за движење да трае од 16 ч. до 5 ч. Утре ќе побараме од јавниот сектор во целата општина да го искористи до 31 мај остатокот од годишниот одмор за 2019 и првиот дел од 2020 година, онака како што препорача и Владата. Упатуваме апел до сите продажни места, маркети, банки, подобро да ги организираат своите услуги, за да се ограничат можностите за контакт и ширење на коронавирусот – соопшти градоначалникот Илијев.

Според информациите на стручните служби, во моментот во Кочани се евидентирани три жаришта на заразени од КОВИД-19, од кои едно е во Зрновци. Од нив, во последните 10 дена имало постојано активни лица. Ризикот за ширење на болеста е голем, бидејќи сите луѓе што контактирале со нив се потенцијални пренесувачи на вирусот. Полициските служби ригорозно постапуваат според решенијата за здравствен надзор и изолација.

Центарот за јавно здравје – Кочани очекува резултати за 60-ина тестови и најавува дека бројот на заразени лица ќе расте рапидно. Паралелно, продолжува со идентификација на контактите со заразените за да може да се постапува соодветно.

Матичните лекари уште еднаш потенцираа дека изолацијата на критичните случаи е пресудна, повикаа да нема жигосување и навредливи пораки до заразените лица. Апелираа дека нема ништо срамно во тоа токму заразените, самите јавно да го соопштат тоа, за да знае секој што доаѓал во контакт со нив, како да се однесува понатаму.

Општинскиот кризен штаб беше единствен во апелите за што е можно помалку движење од граѓаните, совесно и одговорно однесување и почитување на препораките и мерките за хигиена, социјално дистанцирање и на забраните за движење.