Општина Кочани исплати 700 илјади денари на граѓаните што поднесоа барање за субвенции за печки на пелети и инвертер-климатизери, според мерката за намалување на продукцијата на штетни материи во воздухот кои настануваат од загревањето во домаќинствата.

Поради големиот интерес и за да одговори на поднесените барања, по предлог на градоначалникот, Советот на Општина Кочани ја усвои одлуката за поддршка на сите што аплицирале за овој вид субвенции и ги исполнуваат пропишаните услови. Исплатата ќе се изврши по завршувањето на административните проверки.

Според податоците на стручните служби, оваа година се поднесени 159 барања, во кои доминираат за субвенции за инвертер-клими. Комисијата за спроведување на постапката за субвенционирање на граѓани жители на општина Кочани на дел од трошоците за печки на пелети и за инвертер-клими деновиве ќе ја започне теренската работа, со посета на домовите на апликантите, за да ја утврди фактичката состојба, по што ќе се изготви и одлуката за доделување на субвенциите на останатите 89 барања од граѓаните.

Со одлуката за поддршка на сите барања, Општина Кочани ја зголеми за близу 150 проценти вкупната сума наменета за субвенционирање на граѓаните кои се определиле да ги заменат грејните тела на дрва, јаглен, нафта или мазут, со печки на пелети или со инвертер-клими, односно од 700 илјади на 1,7 милиони денари. Висината на поединечната субвенција по барател односно домаќинство изнесува 10 илјади денари.

Дел од условите што требаше да бидат исполнети, се и барателите за субвенционирање за печки на пелети односно инвертер-клими да бидат жители на Општина Кочани со платен данок на имот за станбениот објект каде што ќе биде инсталирана печката односно климатизерот, кои пак требаше да ги имаат купено во периодот на траење на јавниот повик.

Субвенционирањето на инвертер-климите и печките на пелети се само една од повеќето мерки што ги презема Општина Кочани за намалување на аерозагадувањето.