Неделава, неколкумина ликовни уметници изработуваат мурали и графити на потпорниот ѕид кај Атомските згради во Кочани, на булеварот „Тодосија Паунов“.

Според службите за јавни дејности во Општина Кочани, оваа активност е една од повеќето планирани во Програмата за култура, со кои се дава акцент на урбаната односно уличната уметност. Идејата е сивите и празни ѕидови да добијат уметничка, естетска димензија и да пренесат пораки на авторите.

Во оваа етапа се вклучени уметниците Орхан Ќамилов, Катерина Соколова, Иван Шапков од Кочани и Дарко Заревски од Пробиштип, сите со значајни искуства во ликовното творештво и дизајнерство.

Со оглед на големата површина, просторот од овој ѕид што ќе остане неопфатен со мурали и графити во оваа фаза, ќе се работи догодина. Едновремено ќе се работи на идентификација на нови локации за вакви уметнички дела.