Во наредните дванаесет месеци, квалитетот на животната средина на подрачјето на општина Кочани ќе го следи фирма којашто ќе врши контрола, анализа и информирање за повеќе параметри.

По спроведена постапка за јавна набавка, фирмата „Еуромак контрол“ наскоро ќе го потпише договорот за анализа на квалитетот на животната средина којшто се однесува на анализи на бучавата, отпадните води, емисиите од стационарни извори и присуството на ПМ-10 честитки во амбиенталниот воздух.

Според договорот, ќе се следи нивото на бучавата предизвикана од производни и услужни дејности и од станбени и деловни објекти.

На примероци од постројки за преработка на млеко и млечни производи, за производство и конзервирање на месо и месни производи и на земјоделски производи, постројки за површинска обработка на метали, текстил како и постројки од графичката дејност ќе се анализираат општи, биолошки, органски  и аноргански показатели на отпадните води.

Договорот за квалитетот на животната средина опфаќа и анализа на емисии од стационарни испусти на мерни места, каде ќе се утврдува присуството на прашина, јаглерод моноксид и диоксид и чадни единици.

Следењето на квалитетот на животната средина ќе се однесува и на суспендираните честички со големина до десет микрометри, односно  ПМ-10 честичките.

Општина Кочани е меѓу ретките единици на локалната самоуправа што самостојно од Програмата за животна средина презема мерки за анализа и следење на квалитетот на животната средина, за што од општинскиот буџет ќе бидат наменети 539.260 денари. Следењето ќе се врши на мерни места и постројки што се во надлежност на Општина Кочани.