Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ работи на средување на водоводната мрежа на улицата „Стамен Манов“ во близина на Фабриката за вода, што претставува подготовка за асфалтирање на овој уличен крак со должина од 185 м.

Подготовка за асфалтирање со порамнување на теренот се врши и на 300 м крак од улицата „Карпошово востание“ во населбата Усова Чешма.

На денешниот увид на работите што го направија градоначалникот Николчо Илијев, директорот на „Водовод“, Андреј Киров и стручни служби од Општината, беа соопштени претстојните инфраструктурни зафати што ќе се реализираат со средства од Буџетот на Општина Кочани.

– Како резултат на транспарентноста при реализацијата на јавните набавки за асфалтирање на улиците „Вера Которка“, (крак 2, 3 и 5), „Карпошово востание“, „АСНОМ“, потоа улиците „Скопска“, „Петар Синадинов“ и „555“ во населбата Прокарка и улицата „Стамен Манов“ во Ромското Маало постигната е сума помала од планираните средства, со што се заштедени 6 милиони денари. Тоа дава можност за дополнителни градежни активности и ќе овозможи асфалтирање на улицата „Кресненско востание“ во Усова Чешма и „Новопроектирана“ во Лесна индустрија – за што ќе бидат наменети 5 милиони денари. Се очекува во текот на оваа седмица за овие нови градежни активности да решава и Советот на Општината – соопшти градоначалникот Илијев.

Со цел Општина Кочани да има готови проекти, за проектирање на нови улици ќе бидат наменети еден милион денари.

Влатко Димитров од Секторот за уредување на градежното земјиште во Општина Кочани, најави дека во претстојниот период ќе се асфалтираат улици и во селата Горни Подлог, Долни Подлог, Прибачево, Грдовци, Мојанци и во Тркање, а ќе се работи и на пробивање и тампонирање на улици како подготовка за асфалтирање.

Имајќи ги предвид потребите од поправки на повеќе неодамна асфалтирани улици, градоначалникот Илијев истакна дека посебно ќе се внимава на квалитетот на изведбата.