По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, стручни служби од Општина Кочани го посетија Основното училиште „Малина Попиванова“, каде поради здравствената криза, во отсуство на учениците, се сретнаа со наставниот кадар што работи со специјалните паралелки.

– Дониравме материјали за работа и дидактички помагала. Се надеваме дека ќе им помогнат  учениците со попреченост, но би сакала да порачам да не размислуваме само на 3 декември за овие деца, туку почесто да ги имаме на ум, бидејќи тие тоа го заслужуваат. Им посакуваме добро здравје, да се чуваат и да се видиме во второто полугодие – изјави Аника Илијевска Ѓорѓиева, службеник за социјална заштита во Општина Кочани.

Стручните лица се единствени во ставот дека Денот на лицата со попреченост потсетува на неминовната потреба од фокусирање кон сите чинители што ќе придонесат за промена на перспективите на попреченоста и подобрување на условите за живеење, учење, работење.

– Имаме три паралелки во кои учат 9 деца со попреченост. Една паралелка од прво до петто одделение е комбинирана, а имаме и две паралелки во предметна настава. Поради состојбата со пандемијата од Ковид-19 во моментот само еден ученик во трето одделение е вклучен во наставата со физичко присуство. За другите, иако од Министерството имаме добиено согласност за физичко присуство, тие се вклучуваат онлајн. Тоа е малку потешко за нив, но мислам дека и така добро се справуваат и добро ја совладуваат материјата што им е зададена – соопшти Благој Петров, директор на ОУ „Малина Попиванва“.

Основното училиште „Малина Попиванова“ во 2018 година доби сензорна соба за реализација на наставата за деца со попреченост, која, според зборовите на дефектолозите, значително ги подобрува можностите да се одговори на наставните потреби.

Олеснување за учениците се попреченост се и образовните асистенти, во кои е и Борка Јованова која работи со ученик во второ одделение.

– Во овој период додека сме заедно ученикот забележливо напредува и комуникацијата е на повисоко ниво. Мислам дека образовни асистенти се потребни секаде во училиштата, бидејќи се гледа напредокот кај овие деца, им помагаме за тие да имат поголем успех во своето образование – вели Јованова.