На Денот на лицата со хендикеп – 3 декември, Одделението за јавни дејности од Општина Кочани ја посети паралелката со посебни потреби во ОУ „Малина Попиванова“.

– На овој ден сакаме да потсетиме дека има и лица кои потешко ги вршат секојдневните обврски и ние како поединци треба да се трудиме на секој можен начин да им помагаме пред сè за да бидат прифатени во средината во којашто живеат и да им помагаме на друг начин како што знаеме и умееме, рече Аника Илијевска Ѓорѓиева од Одделението за јавни дејности на Општина Кочани.

Децата со посебни потреби во специјалната паралелка се потрудиле заедно со дефектолозите да направат изработки и честитки кои беа изложени во училиштето.

– Упатувам благодарност до Општина Кочани којашто секоја година нè посетува и ни подарува материјали што ни се потребни во работата и благодарение на нив успеавме да направиме изложба со детски изработки направени во посебна техника „филигранство со хартија“ што ја спроведуваме со учениците со посебни образовни потреби, рече Билјана Манчовска, дефектолог во ОУ „Малина Попиванова“.

Во моментов паралелката со посебни потреби во ова училиште брои 16 ученици распоредени во три паралелки, една во одделенска и две паралелки во предметна настава, со кои работат двајца дефектолози вработени во училиштето.