На претстојните вонредни парламентарни избори три партии со своите коалиции ќе ги користат местата за истакнување изборни плакати на подрачјето на општина Кочани.

Со ждрепка што ја организираше Одделението за правни и општи работи во Општина Кочани, местото со број еден за изборните плакати го доби СДСМ со коалицијата, местото со број два е за коалицијата ВМРО за Македонија, а местото број три за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

За истакнување изборни плакати во Кочани се определени: оградните ѕидови на улиците „4 Македонска бригада“ и „Тодосија Паунов“, потпорниот ѕид пред зградите на ул. „Тодосија Паунов“ – спроти бензинската пумпа, рекламните паноа во центарот на градот, кај хотелот „Центар“, во Стришани и кај Автобуската станица.

Во селата, како места за истакнување изборни плакати се определуваат вообичаените места каде што се истакнуваат соопштенија за жителите од тоа населено место.

Изборните плакати на овие места се истакнуваат без надоместок.