Проектот „Добра земјоделска практика – богат биодиверзитет“, чија главна цел е спречување на палењето на сламата и остатоците од жетвата на полињата во Кочанско, продолжува со втора фаза во која преку средби со земјоделските производители ќе се укажува на неопходноста од зачувување на животната средина преку одржливо  управување со жетвените остатоци.

На работна средба што денеска ја организираше Здружението на жени земјоделки „Агро-Винка“, кое е носител на проектот, присуствуваа претставници од Општина Кочани, од месните и урбаните заедници, Комуналното претпријатие „Водовод“, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и индивидуални земјоделски производители, беа презентирани натамошните активности и мерки за собирање и искористување на сламата од оризовото поле.

– Неопходно е подигање на свеста на земјоделците колку за животната средина е штетно палењето на сламата по жетвата. Проектот нуди алтернативни решенија за да се намали лошата земјоделска пракса во справувањето со жетвените  остатоци. Заедно со комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани, воспоставуваме модел за собирање на сламата од оризовите ниви и нејзино транспортирање до Станицата за пречистување на отпадните води кај селото Мојанци. Таму таа ќе се искористи во процесот на филтрирање на водата од фекалната канализација, по што со посебна хемиска постапка се добива органско ѓубриво, истакна Валентин Захариев, советник во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Кочани.

Општина Кочани најави интервенции во условите за собирање на сламата од полињата, преку подобрување на полските патишта.

– Обезбедивме сопствени средства за пробивање, прочистување и тампонирање на околу 12 километри полски патишта, а во моментот тече рокот за јавната набавка за изведувач на работите, по што веднаш ќе почнеме со реализација на терен. На тој начин ќе го олесниме пристапот на соодветната механизација до земјоделските површини од кои ќе се собираат и родот и сламата. Целта е што поголема количина од жетвените остатоци да се транспортираат до станицата во Мојанци, за да се избегне нивното палење, а со тоа и последиците од загадувањето на воздухот – истакна Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.

Според Тодор Кушевски, Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ се соочува со  многу предизвици во настојувањата да се организира користењето на жетвените остатоци за потребите на Пречистителната станица за отпадни води, како и во административниот дел – да се направи модел на договор за замена на компост за слама.

Во наредниот период Здружението „Агро-Винка“ ќе ги почне инфосредбите со земјоделците со цел да ги запознае со можностите за одржливото управување со жетвените остатоци.

Проектот „Добра земјоделска пракса – богат биодиверзитет“ се спроведува во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а во координација со „Фармахем“ – Скопје.