Синоќа, во хотелот „Национал“ во Кочани се одржа традиционалната манифестација Избор на спортист на Кочани, на која беа врачени наградите на најуспешните во спортот за 2014 година – избор на претставниците на Сојузот на спортови и од Асоцијацијата на новинарите од Кочани – во организација на Општина Кочани.

Највисокото признание и годинава го понесе каратистот на кочански „Партизан“, Мартин Стојменов, кој третпат едноподруго е избран за спортист на Кочани. Меѓу многуте награди на Стојменов е и освоеното трето место на Европското првенство во Лисабон, а кочанскиот каратист е дванаесетти на светската карате ранг листа.

Од листата од петнаесет пријавени за избор на спортист на годината, високи позиции добија фудбалерката на ЖФК „Кочани“, Ана Веселинова, каратистот на „Партизан“ Димитар Јакимов и гимнастичарот Ненад Атанасовски.

Наградата за млад надежен спортист му беше врачена на единаесетгодишниот Роберто Здравковски, член на Карате клубот „Партизан“. Веднаш зад Здравковски се најдоа Андреј Данилов (КК „Баскет Дино“), Антонио Јаношевиќ од Клубот за гимнастички спортови „Кочани“, Мартина Шахинова (КК „Партизан“), Ана Благонова (ЖФК „Кочани“), Љубомир Давитков (КК „Кочани“), Андреј Савев (ТК „Акватен“), Стефан Ковачевиќ (ФК „Кочани“), Ристе Симионов (КГС „Кочани“) и Јана Николова (КГС „Кочани“).

Женскиот фудбалски клуб „Кочани“, кој во 2014 година беше првак во Женската македонска фудбалска лига и шампион во Купот на Македонија – жени, ја доби наградата за најуспешна екипа, а Оливер Јовановски е избран за најдобар тренер.

Признанието најдобар спортски работник за 2014 отиде кај Владо Андов, координатор на ЖФК „Кочани“.

По повод 35-годишнината од искачувањето на планинарската експедиција од Кочани на Мон Блан, на учесниците во овој спортски подвиг, Димитар Цеков-Ѕекара, Симеон Тодоров-Моцо, Никола Христов-Мице и Ѓорѓи Хаџиев-Џапон им беше доделено признание за трајни вредности во спортот.