Граѓани од Кочани, Чешиново-Облешево, Пробиштип и Крушево учествуваа во одбележувањето на 111-годишнината од смртта на македонскиот револуционер и учител, претседателот на Крушевската република, Никола Карев.

Сите заедно се собраа пред споменикот на Карев кај селото Тркање, од каде заминаа во Свиланово, каде големиот идеолог на Македонската револуционерна организација загина на 27 април 1905 година, откако претходно преноќил во селото Рајчани, враќајќи се од Бугарија.

На споменикот на Карев кај Тркање дојдоа и членови на неговото семејство од Крушево, претставници на Музејот од Крушево, градоначалниците на Крушево, Кочани и Чешиново-Облешево, Ѓорги Дамчески, Ратко Димитровски и Костадин Личков, како и пратениците од Кочани и од Штип, Иван Иванов и Никола Мицевски.

Во одбележувањето на 111-годишнината од смртта на Никола Карев учествуваа членовите на секцијата „Географски видик“, кои пеш ја минаа релацијата Кочани – Свиланово – Кочани, а членови на литературните секции од основните училишта „Никола Карев“ од Кочани и од Крушево настапија со литературни творби. Настанот го збогатија гости од Крушево, потомци на Карев.

По положувањето цвеќе во Свиланово, учесниците и гостите го посетија манастирскиот комплекс „Св. Пантелејмон“ во селото Пантелеј.