Симболично, со полагање свежо цвеќе на спомениците и спомен-обележјата посветени на македонскиот социјалист, големиот револуционер Никола Карев, денеска во Кочани беше одбележана 115-годишнината од неговата смрт.

Малобројни делегации од Општината и Советот на Општина Кочани положија свежо цвеќе на споменикот на Никола Карев на влезот во селото Тркање и во спомен-паркот во близината на селото Рајчани. Делегација од ОУ „Никола Карев“ кое денеска го одбележува својот патронен празник, положи цвеќе на споменикот во Паркот на Револуцијата.   

Редовните културно-историски содржини и планинарски активности изостанаа поради вонредната состојба во државава предизвикана од коронавирусот.

– Почитувајќи ги препораките и мерките за заштита од коронавирусот, го прилагодивме и одбележувањето на овој датум од македонската историја. Овојпат изостана присуството на делегација од збратименото Крушево, родното место на револуционерот кој со своето дејствување остави неизбришливи траги во нашата историја и создаде традиционално пријателство меѓу двата града. Симболично, но достоинствено ја изразуваме почитта кон него и ги освежуваме сеќавањата на неговото дело за нас и за новите генерации, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Директорката на ОУ „Никола Карев“ – Кочани, Билјана Петрова соопшти дека според можностите за активности што ги допушта актуелната состојба, училиштето распиша интерен оглас по повод патрониот празник, а ликовните и литературните творби изработени од учениците и посветени на Никола Карев се објавени на социјалните мрежи.