Општина Кочани го распиша конкурсот за доделување стипендии за редовни студенти на државните универзитети во студиската година 2016/2017 година.

Заинтересираните студенти можат да се пријават започнувајќи од втората студиска година; тие треба да се жители на општина Кочани, да не повторувале година во текот на студирањето и да не се корисници на стипендија или кредит од други институции или компании. Една стипендија ќе биде наменета на студент од ромската етничка заедница.

Во критериумите за доделување стипендии спаѓа успехот, кој треба да биде најмалку осум, материјалните можности на студентот и неговото семејство. Приоритет ќе имаат кандидатите без родители и тие коишто престојувале во домови за згрижување деца во Република Македонија. Студентите од градежен, архитектонски, геодетски и технолошки факултет ќе имаат дополнителни пет поени, бидејќи нивните струки, со одлука на градоначалникот, се утврдени за дефицитарни.

Конкурсот за поднесување на документите за стипендии е до 17 октомври 2016 година до 16 часот.

Стипендистите на Општина Кочани ќе добиваат по 2 500 денари во текот на девет месеци од тековната студиската година.

Студентите што ќе добијат стипендија имаат обврска да извршуваат практична работа во органите на Општината во траење од 15 дена во месеците јули и август.