Предметните наставници од основните училишта „Раде Кратовче“ од Кочани и „Свети Климент Охридски“ од Пазарџик, Република Бугарија учествуваа во петдневна обука организирана како дел од проектот „Растеме со екоресурси“ финансиран од Европската комисија преку Еразмус плус програмата, која се одржа во Пазарџик.

– Обуката е наменета за да се развијат прирачници коишто ќе ги користат понатаму во нивните наставни содржини и програми. Целта е наставниците да се обучат за користење на веб 2 алатките, коишто се отворени образовни алатки што ги има на интернет и се бесплатни и достапни секому. Преку овие иновативни наставни методи наставниците да можат да ги инкорпорираат содржините што се од областа на обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, заштита на животната средина. Значи, генералната цел на проектот е да се јакне свеста за овие обновливи извори и енергетска ефикасност кај учениците и да се искористат овие иновативни наставни методи, рече Марија Ѓорѓиева од здружението Локална акциона група – Кочани.

Според наставниците обуката е корисна во изведувањето на наставната програма.

Во тек е изработка на стратегија за вмрежување во рамки на образованието на двете општини – партнери во проектот.

Во проектот „Растеме заедно со екоресурси“ се вклучени и невладините организации „Локална акциона група“ од Кочани и „Здружение за економски развој“ од Пазарџик кои треба да дадат експертизи во областа на обновливите извори на енергија и во областа на едукативниот дел.