Од 23 април 2020 г. е задолжително носењето лична заштитна опрема за носот и устата. Тоа може да биде: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна марама или шал, бандана и слично.

Носењето е задолжително во сите затворени јавни објекти: државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, јавен превоз, чекални, здравствени институции и слично.

Носењето заштитна опрема на отворено е задолжително на отворени пазари и секогаш кога не може да се одржува минимално растојание од 2 метри од најблиското лице. Ова практично значи дека при движење, низ мешаница на улица,  додека се чека јавен превоз со голем број патници на станицата или во слична ситуација, кога е невозможно оддалечување на препорачаната дистанца од 2 метри, носењето заштитна опрема е задолжително.

Заштитната опрема надвор не е задолжителна ако: се престојува во двор на станбена семејна куќа; при возење велосипед или спортување на отворено, при што се одржува дистанцата од минимум 2 метри;  при патување во патничко моторно возило со лица со кои заедно живеете и при движење на јавни места и површини од отворен тип каде слободно може да одржува растојание од 2 метри.

Заштитната опрема е значајна за да се спречи ширењето на вирусот, со неа секој се штити лично, а ги штити сите околу него.

Да бидеме одговорни и заедно да го спречиме ширењето на заразата, од сите нас зависи!