Уште еден нов случај на заболен од коронавирус е евидентиран на подрачјето на Кочани,  па вкупниот број лица во изминативе седум дена е 18.

Полициските служби од Одделението за внатрешни работи вршат здравствен надзор над 63 лица во самоизолација, од кои 9 во Зрновци, 20 во Чешиново-Облешево и 34 коишто се во самоизолација во Кочани.

Територијалната противпожарна единица – Кочани денеска изврши дезинфекција на зградата на Општина Чешиново-Облешево, која од утрово не работи поради самоизолација на вработените како мерка за спречување на ширење на заразата од коронавирусот.

Службите на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ ги дезинфицираа и главните улици во населените места од Чешиново-Облешево.

Со одлука на Владата, од денеска ограничувањето на движењето за граѓаните на територијата на целата држава, за време на работните денови трае од 16 часот попладне до 5 часот наредниот ден. За време на викендите забраната за движење за сите граѓани ќе трае 24 часа, односно од 16 часот во петок до 5 часот во понеделник. Лицата над 67-годишна возраст, во текот на работните денови, од понеделник до петок, ќе можат да се движат само во периодот од 10 до 12 часот, а младите до 18 години во текот на работните денови, од понеделник до петок, ќе можат да се движат само во периодот од 13 до 15 часот. Според Одлуката на Владата, забрането е движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.