Јавната површина што се наоѓа на пониско ниво од улицата „Тодосија Паунов“, во близина на Железничката станица во Кочани се уредува во простор за паркирање.

Големата фреквенција на сообраќајот во овој дел од градот, секојдневно ја наметнува потребата од повеќе места за паркирање, поради што Општина Кочани почна со уредување и на оваа јавна површина.

– Го расчистивме теренот, кој многупати беше злоупотребуван и за фрлање отпад и го покриваме со гребан асфалт. Целта ни да го средиме целиот потег во должина од околу 200 м, а сообраќајот на „Тодосија Паунов“ да се одвива нормално, без пречки од запрени или паркирани возила – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Со цел да се направи што повеќе корисен простор,  ќе се дислоцираат и возила кај зградата на Основниот суд – Кочани,  автомобили кои се одземени од сопствениците по разни основи. Ослободениот простор ќе биде наменет за паркирање.

Привремен паркинг се подготвува и на улицата „Стево Теодосиевски“. Од старите градби на просторот во близина на Спортската сала, за уривање остануваат уште четири објекти, за чија експропријација одлучуваат надлежните органи. До реализацијата на втората сообраќајна лента, како булеварско решение до Туристичката агенција „Вел-јан“,  овој простор привремено ќе служи за паркирање на возилата.

Ова се дел од актуелните мерки со кои Општина Кочани настојува да го подобри сообраќајниот проток и паркирањето во централното градско подрачје во Кочани. За реализирање на што побезбеден сообраќај и олеснето движење на сите учесници, во тек е урбанистичката постапка за изградба на катна гаража на местото на сегашната административна зграда на „Водовод“, со капацитет од 150 до 200 возила.