Територијалната противпожарна единица – Кочани го поднови својот возен парк со ново теренско возило, донација од Владата на Република Македонија.

Се работи за џип „тојота-хилукс“, со опрема за превентивно дејствување против пожари. Возилото е опремено со резервоар за вода од 300 литри и резервоар со средство за создавање пена (тутуген) за интервенции на запалени патнички моторни возила. Има вградено витло – црево во должина од 40 метри со соодветна млазница за создавање на распрскан или полн млаз. Поседува вшмукувачко црево за полнење на соодветниот резервоар со вода од природен извор. Работи на принцип со моторна пумпа од марката „хонда“.

– Ова возило би се користело за почетни интервенции на отворен простор како и за гасење на запалени патнички моторни возила – соопшти Дејанчо Арсов, командир на ТППЕ – Кочани.

Договорот што Дирекцијата за заштита и спасување го потпиша со Општина Кочани минатата година, се реализира во пресрет на одбележувањето на Денот на пожарникарите, 20 мај.

Сега ТППЕ – Кочани располага со возен парк од седум возила, од кои две се за теренски интервенции, а останатите се специјални и навални противпожарни.