Во завршна фаза е тендерската постапка за избор на изведувач за проектот Регулација на дел од Кочанска Река.

Службите за јавни набавки од Општина Кочани информираат дека се чека на одобрување за склучување договор со фирмата Здружено вложување – АГП од Свети Николе и Промонтинг од Скопје, првата како изведувач на градежните работи, а втората на електротехничките. Договорот изнесува 14,4 милиони  денари, од кои грантот од Проектот за подобрување на општинските услуги е 10,6 милиони денари, а  учеството на Општина Кочани е 3,8 милиони денари, средства што ќе бидат наменети за уредување на коритото на Кочанска Река и за нови содржини за одмор и рекреација.

Техничкиот проект предвидува регулација на коритото на Кочанска Река во должина од околу 450 метри, на потегот од последниот сообраќаен мост што ги поврзува улиците „Гоце Делчев“ и „Борис Трајковски“, на север до месноста Бавчалук. Планирано е да се изработи поголемо корито со широчина од 12 до 15 метри, а во него помало, широко три метри, коешто ќе ја прифаќа водата. Според можностите на теренот ќе се гради кеј од масивни бетонски ѕидови со висина од 2 до 3 метри, бетонски скали и каскадни решенија на одредени делови.

Надвор од главното корито, на десниот брег од реката ќе се гради патека со широчина од 3 м, од кои 2 м се наменети за пешаци, а останатиот дел е предвиден за зелен појас.

По целата должина на регулираното речно корито од двете страни ќе се постават канделабри, клупи и метални корпи за отпадоци.

Со реализацијата на овој проект ќе се подобри и пропусната способност на речното корито, кое ќе се ослободи од обрасната вегетација и импровизирани објекти.