Во вторник, 17 април 2018 година со почеток од 18 часот во НУ Центар за култура „Бели мугри“ во Кочани, ќе биде отворена патувачката изложба „Ана Франк – историја за денес“, организирана од Младинскиот образовен форум.

Водичи на оваа изложба се млади волонтери-средношколци кои поминале обука да ја раскажат приказната за животот на малата Ана.

На отворањето на изложбата ќе се обратат Николчо Илијев, градоначалник на Кочани, Александра Димитрова, директорка на Центарот за култура „Бели мугри“, Миле Левков, директор на СОУ „Љупчо Сантов“ и Димитар Низамовски од Младинскиот образовен форум.

Патувачката изложба „Ана Франк – историја за денес“ е посетена од над пет милиони посетители во над четириесет држави во светот. Таа е една од најпознатите светски едукативни изложби кои се однесуваат на холокаустот и човековите права. Изложбата е составена од триесет и девет изложбени панели кои ја раскажуваат приказната за Ана Франк, истовремено раскажувајќи за холокаустот и Втората светска војна. Прикажува фотографии од детството на Ана, подемот на нацизмот, погромот на Евреите и реакциите на луѓето. Сè ова е раскажано преку животот на едно семејство. Изложбата ја дополнуваат седум панели за домашниот контекст во периодот по Втората светска војна до денес. Овие панели се изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини.

Изложбата во Македонија е изработена и донесена во рамки на проектот „Хисторија, историја, повјест – лекции за сегашноста“ кој е поддржан од Европската Унија и од Министерството за надворешни работи, Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија. Досега, беше поставена во 16 градови, а ја посетија повеќе од 16 илјади посетители.

Изложбата во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани ќе биде отворена за посетители до 3 мај 2018 година до 16 часот.