На патеката долга 6,4 километри кон планинскиот туристички центар Пониква, на 15 септември 2019 г. се возеше ридско-брзинската трка „Кочани 2019“, како дел од Државниот шампионат во автомобилизам.

На натпреварот, чиј организатор беше АКК „Custom car RT“ од Скопје, во сите четири класи учествуваа 25 возачи од Македонија и гости од Бугарија, а трката ја завршија 18 возила.

Трката за отвори градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев кој истакна дека радува фактот што продолжува возобновената традиција од лани, патеката кон Пониква да остане во календарот на натпреварите, што придонесува за промоција на овој спорт во регионот, но и на Пониква како туристичка дестинација.

Во најсилната класа Е1-2000, првото место му припадна на Димитри Кимовски од АКК „Перформанс“, а по него се најдоа Давид Малинковски од АКК „Custom car RT“ и Даниел Блажевски од АКК „ПСС РТ“.

Во најниската класа А-1150, во која имаше и најголема конкуренција, најбрз беше Георгиј Наков од АКК „ПСС РТ“ од Скопје; во класата N-1400 трката успешно ја заврши Тоше Темелковски од АКК „Скопје“, а во класата Е1-1600 победи Филип Василевски од АКК „Custom car RT“.

Во екипна конкуренција најмногу поени освоија возачите од АКК „Custom car RT“, пред АКК „ПСС РТ“ и АКК „Скопје“. На прогласувањето на најдобрите, награди им беа доделени и на гостите од Бугарија, Диана Стојанова која возеше во класата Е1-2000 и Јасе Николов во Е1-1600, како и на дебитантот од Кочани, Дејан Манасиев.

Трката беше поддржана од Општина Кочани, „Руен инокс аутомобиле“ и други спонзори. До крајот на сезонава преостануваат уште кружната трка во Кичево и ридско-брзинскиот натпревар на Витачево кај Кавадарци.