Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски и пратеникот во Собранието на Република Mакедонија, Иван Иванов, го пуштија во употреба Дневниот центар за деца со попреченост во Кочани.

Станува збор за околу 200 метри квадратни, простории во клонот четири од Детската градинка „Павлина Велјанова“, кои со одлука на кочанскиот Совет се преотстапени на Министерството.

– Ова е 31 дневен центар од мрежата на Министерството за труд и социјала. Во него ќе можат да се опфатат 25 деца со пречки во развојот со кои ќе работат дефектолог, психолог и медицинска сестра. Со неговото отворање обезбедуваме поддршка на родителите со деца со попреченост и подобра грижа за децата надвор од институциите – изјави министерот Диме Спасов.

Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски истакна дека овој центар беше дамнешна потреба на Кочани.

– За уредувањето и адаптацијата на две училници, остави, тоалет, ходник и две тераси, наменети за потребите на Дневниот центар се потрошени 1,5 милион денари, од кои половината се од Општина Кочани, а другата половина од Министерството за труд и социјала.

Досега во Дневниот центар е пријавено згрижување на петнаесетина деца. Се очекува центарот целосно да биде ставен во функција до крајот на месецов.