Министерот Диме Спасов и градоначалникот Ратко Димитровски го посетија објектот што ќе биде наменет за детска градинка во селото Оризари.

– Започнавме инвестиција за целосна реконструкција и адаптација на простор од поранешната општинска зграда во Оризари, наменет за детска градинка. Вкупната инвестиција во износ од 3,5 милиони денари е на Министерството за труд и социјална политика, заедно со Општина Кочани. Очекуваме работите да бидат завршени за два месеца, а до почетокот на идната година градинката да биде пуштена во употреба. Се гради согласно стандардите за градинки, со можност за опфат на 50 деца. Интересот е голем и се надеваме дека објектот ќе работи со полн капацитет – изјави министерот Спасов.

Градоначалникот Димитровски потсети дека објектот имаше застој поради несериозен изведувач, но дека никогаш не е доцна кога се гледа крајот на едно дело.

Во рамките на посетата на Кочани, во Здружението на пензионери во Кочани министерот Диме Спасов ја проследи презентацијата на регионалниот Дом за стари лица. Притоа беше информиран дека Општина Кочани обезбеди соодветна локација и докуметација за овој проект.

– Се договоривме за изнаоѓање приватен инвеститор и за реализација на овој проект со јавно-приватно партнерство. Се работи за модерна градба, енергетски ефикасна, со искористување на геотермалната вода, објект со капацитет од 150 легла – рече Спасов, истакнувајќи дека очекува макетата што поскоро да стане реалност.