Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска беше во работна посета на Кочани. Со цел да се направи увид во наставата и тековните проблеми, министерката Царовска и градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев посетија неколку училишта во Кочани и одржаа работен состанок со директорите од образовните установи во градот.

– Од она што можев да го видам на терен во средното училиште „Љупчо Сантов“ без проблеми тече онлајн наставата. Директорот и градоначалникот ме информираа дека навреме имаат обезбедено интернет-конекција и ИТ-уреди за наставниците и дека поголемиот дел од учениците ја имаат потребната опрема. Исто така, без тешкотии се спроведува и учењето на далечина во останатите основни училишта во Кочани, каде што погорните одделенија од трето одделение учат онлајн. Она што би сакала да го потенцирам е дека онлајн наставата успешно функционира и на ниво на држава, односно 88 проценти од учениците без тешкотии ја следат наставата од своите домови. Тоа покажува дека имаме континуитет во образовниот процес во државата – рече Царовска.

Градоначалникот Илијев рече дека и во услови на здравствена криза наставата во основните и средните училишта во општината се одвива без поголеми проблеми, а заразените наставници и ученици се спорадични случаи.

– Министерката Царовска има можност да се запознае и со тековните проектни активности во училиштата: изградба на спортски терени, реконструкција на подни површини, ново осветлување на училишните дворови, набавка на ново полуконцертно пијано. Со тоа покажуваме дека и во услови на Ковид-19 продолжуваме да инвестираме и се надеваме дека учениците ќе можат да се вратат во училиштата каде ги очекуваат подобрени и современи услови за реализација на наставата“ – посочи градоначалникот Илијев.

Министерката ги посети и ОУ „Малина Попиванова“ и ОМУ „Ристо Јуруков“, по што одржа работен состанок со директорите на училиштата со кои дискутираа за актуелните потреби во реализацијата на наставниот процес.