Во организација на Фонацијата Фридрих Еберт, Канцеларија во Скопје, викендов на падините на Осоговските Планини, се одржа планинарската тура „Дојди на Пониква, запознај го регионот“.

На 6-километарската маршрута кон локалитетот Раткова Скала, со водич беа претставени дел од прекрасните пејзажни убавини и природни вредности на Осоговијата, учествуваа претставници од меѓународната заедница, граѓански организации и владини институции.

Организаторот истакна дека настанот има за цел да ја зајакне локалната заложба за одржлив развој преку потенцирање на невообичаени локални проекти, како и преку промовирање дијалог и соработка помеѓу значајните актери за идните акции. Настанот е еден вид платформа за креирање на одржлива програма за развој, која ќе ги унапреди економските можности во регионот, едновремено штитејќи го природното наследство и промовирајќи ги целите за одржлив развој.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, како домаќин на планинарската тура ја искористи можноста да ги претстави тековните проекти за развој на туризмот и за заштита на Осоговијата, но и следните чекори во тие насоки.

– Кога се зборува за Осоговските Планини, првата асоцијација е здравје и благосостојба. Овде на Пониква, има стари објекти кои сѐ уште можат да се обноват и да бидат од јавен интерес, со локално и регионално значење. Пренамената на детското одморалиште за потребите на Министерството за внатрешни работи ги оддалечи децата од организираното, масовно користење на убавините на Пониква, што ја нагласува потребата да се најдат начини децата со екскурзии да ја запознаат и да уживаат во Пониква и Осоговските Планини, да се врати духот на Пониква за децата од школска возраст – рече во своето обраќање градоначалникот Илијев.

За промоција на убавините и можностите на Осогово, од планинарската тура ќе произлезе филм што го снимаше екипата на „Медена земја“.