На 25 август, со почеток од 19:30 ч., на западното плато на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани ќе се одржи ликовен перформанс со наслов „Здивот на летото“.

Деветтемина членови на Школата за цртање и сликање при „Бели мугри“, Каролина Николова, Љупка Коцева, Ангела Ајтовска, Ангела Иванова, Јована Иванова, Павел Николов, Бранко Манчев, Ива Атанасова и Пандора Манева, инспирирани од летото ќе творат во техниката пастел.

Според м-р Александра Димитрова, раководителка на Школата за цртање и сликање, станува збор за техника што изобилува со можности за израз на емоции и очекува младите уметници да создадат интересни дела.

Ова е претпоследниот настан од втората етапа на манифестацијата „Топол културен бран“. В среда, на 31 август во концертната сала на Музичкото училиште „Ристо Јуруков“ ќе се одржи камерен концерт на Александра Коцева и Глигор Гелебешев.