Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ е пилот-партнер во меѓународниот проект што се спроведува со помош на Германската развојна соработка и Швајцарската агенција за развој и соработка, кој се занимава со неприходуваната вода во земјите на Југоисточна Европа.

Раководниот тим на проектот деновиве имаше работни средби со претставници од „Водовод“, претпријатие во кое ќе се анализираат актуелните загуби на вода во системот и ќе се преземаат мерки за нејзино намалување.

– Проектот се спроведува во три држави, во Косово, Македонија и во Босна и Херцеговина со 9 партнерски водоводни претпријатија, од кои три се пилот-претпријатија со кои сакаме да имплементираме некои конкретни мерки на теренот, сакаме да го зајакнеме водоводното претпријатие и да набавиме одредена опрема за детекција на загубите во водоводните системи, изјави Самир Алибабиќ, проект-менаџер на Аквасан мрежата во Босна и Херцеговина.

– Ова е извонредна можност да ги согледаме нашите моментални состојби, да се зафатиме со решавање на еден акутен проблем кој е присутен и во КЈП „Водовод“ – Кочани и кај сите комунални претпријатија кои стопанисуваат со водовод. Загубата на води е основната тема, основните обврски со кои ќе се справуваме, ќе ги користиме алатките и искуствата кои ќе ни бидат предложени од страна на луѓето кои менаџираат со овој проект и од останатите учесници, наши партнери во овој проект, а сето тоа ќе биде една можност да го подигнеме и начинот на работа и системот на детекција, а од друга стана да добиеме и финансиски бенефити од намалувањето на количините на неприходувана вода, соопшти директорот на КЈП „Водовод“, Љупчо Папазов.

Во рамките на овој проект „Водовод“ очекува и донација во опрема за детекција на дефектите, во висина од околу 30 илјади евра. Се очекува таа да ги зајакне техничките капацитети во делот на справувањето со загубите на вода во системот, а тоа ќе биде можност ова позитивно искуство, кочански „Водовод“ да го пренесе на комуналните претпријатија од целата држава.

Покрај КЈП „Водовод“ од Кочани, македонбски учесници во проектот се и комуналните претпријатија „Солидарност“ од Виница и „Комуналец“ од Гевгелија, кои ќе добијат помаку финансиски средства во однос на Кочани, но ќе ја поминат истата обука за градење на човечките капацитети и реорганизација на водоводните претпријатија.

Вкупниот буџетот на проектот е околу половина милион евра.