Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на Ромите, 8 Април, денеска во Спортската сала „Никола Карев“ беше организирана културно-забавна програма од проектот „Инклузија на деца Роми во градинките“ со големите групи од Детската градинка „Павлина Велјанова“.

Во Паркот на Револуцијата беше приредена изложба на традиционални занаети и јадења за ромската заедница и културно-уметничка програма на која настапија фолклорни, музички и ритмички состави од Кочани.

По повод празникот, честитка до сите припадници на ромската националност упати градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, кој повика за заедништво и меѓусебно почитување и толеранција. Тој изрази подготвеност во рамките на надлежностите на единицата на локалната самоуправа да се интервенира секаде каде што има потреба да се подобри животот на граѓаните од Кочани, без оглад на нивната националност и верска припадност.

Илијев истакна дека Општината има за цел да направи измени од Деталниот урбанистички план за Градската четврт 5, каде што живее голем дел од ромското население во Кочани, а ќе настојува да го реши и проблемот со Старата касарна, каде што во супстандардни услови живеат дваесетина ромски семејства.

Оваа година, со средства од Буџетот на Општина Кочани четири ромски здруженија реализираат соодветни активности во програмата за одбележување на овој празник.