На 12 јуни, во Салата на Советот на Општина Кочани се одржа крводарителска акција, првенствено наменета за вработените во Локалната самоуправа, Територијалната противпожарна единица – Кочани, училиштата и ЈОУ Библиотека „Искра“, Детската градинка „Павлина Велјанова“, КЈП „Водовод“, активистите на урбаните и месните заедници… Крводарителската акција беше отворена и за сите граѓани на Кочани.

Меѓу крводарителите, имаше и такви коишто ја даруваа својата драгоцена течност по повеќе од педесет пати, а кочанецот Ацо Ангелов, кој даде крв по 101 пат влезе во „Клубот 100“ на Црвениот крст на Република Македонија.

Во организација на Општинската организација на Црвен крст – Кочани и Општина Кочани, акцијата ја спроведе екипа од Институтот за трансфузиона медицина од Скопје. Во акцијата беа собрани 16 единици крв. Со оваа акција Црвениот крст – Кочани го одбележа 14 јуни, Светскиот ден на крводарителите.