Порано јадењето познато како тава ориз претставувало традиционален кочански неделен ручек. Денот кога сите заедно седнуваат на ручек, почесното место на трпезата го имал кочанскиот ориз.

Искусните готвачи велат дека тавата ориз не се прави со обична вода, туку со вода во која претходно се варело месо од кокошка.

Потребни состојки (за 4 лица): пилешко месо – обично копани, 400 грама ориз, 100 мл масло, домат, китка магдонос, главица кромид, сол, црн бибер.

Подготовка: Месото се вари дваесетина минути во вода во која има сол, ловоров лист и црн бибер во зрна. Во огноотпорна или земјана тава се запржува ситно сечкан кромид, се додава оризот, се промешува, се пржи, а потоа се налева водата во која се варело пилето, во однос 1 (ориз) : 3 (вода). Се додава сечкан магдонос, црн бибер и зачинал. Се става во загреана рерна. Пред крај се редат парчињата месо, а меѓу нив сечкани тркалца домати. Пак се враќа во рерната за да се потпече, додека водата целосно да испари.