Лапа е старо македонско јадење, едно од ретките што сè уште се задржало на трпезите во Кочанско. Лапата се прави од уфак. Уфак е кршен ориз кој се добива при одделувањето на оризот од лушпата. Во тој процес, на едната страна останува целиот ориз, на другата уфакот, а на третата е лушпата. Лапа се прави од уфакот, за ништо да не оди фира. Во недостаток на кршен ориз, може да се употреби и обичен бел ориз.

Другата важна состојка за лапата е афионското семе, кое се пече во тава, притоа постојано се промешува. Потоа семето се толчи во дибек сè додека од него не почне да излегува масло. Дури тогаш е добро за подготвување лапа. Доколку нема дибек или аван, сличен ефект може да се постигне и со мелење на афионското семе, но секоја кочанска домаќинка ќе каже дека вистинската убавина е во „кцањето во дибекот“.

Потребни состојки: 250 г уфак или бел ориз, 1 л вода, 250 г афионско семе, 1 мала лажичка сол. Количеството на состојките секоја домаќинка сама си го определува, според вкусот на домашните, а соодносот на уфакот (оризот) и водата кај ова јадење е 1:4.

Подготовка: Во тенџере се стоплува водата до смлачување.

Потоа се става семето од афион и се вари на потивок оган петнаесетина минути. Потоа се додава уфакот. Се варат заедно сè додека убаво не се згуснат. Се посолува по желба. Некои домаќинки лапата ја прават и по обратниот редослед, прво го подваруваат оризот, па потоа го додаваат афионот, но во тој случај и вкусот е поинаков.

Лапата порано се сметала како „храна за сиромашните“, јадење што им било послужувано на работниците на оризовите полиња. Но со време, нејзината вредност станала вистинска „скапоценост“ претворена во специјалитет, и лапата се јадела по оброкот.

Кога се јаде лапа – нема џвакање, само се голта. Оттука дошло и името на ова јадење.