По повод Неделата на детето, Библиотеката „Искра“ од Кочани започна со реализација на програмите „Јас ги познавам своите права“ и „Книгата патува во домот на секое дете“.

Учесници во програмите се децата од големите групи од Детската градинка „Павлина Велјанова“ – Кочани, а целта е да се афирмираат детските права и да се јакне свеста кај децата за правото на образование, слободно изразување и активно вклучување во креирањето во културниот живот во заедницата.

– Со програмата „Книгата патува во домот на секое дете“, сакаме да ги поттикнуваме децата дел од своето слободно време да го минуваат во читање книга и раскажување со своите родители и блиски – соопшти Магдалена Кочовска Салтирова, библиотекарка во „Искра“.

Во рамките на оваа програма ќе се реализираат и пет едукативно-креативни работилници и изложба на детски цртежи изработени според импресии од прочитаните дела.

Неделата на детето ја одбележува и Општина Кочани со „Писателски караван“ – средби и разговори на учениците од литературните секции со писателите Горјан Петревски и Ванчо Полазаревски, а в четврток ќе биде промовиран и вториот дел од романот „Марта“ на Горјан Петревски.

По повод Неделата на детето, Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани ја прикажува театарската претстава за деца „Во чекор со малиот принц“ во режија на Перо Даниловски.